Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува за кратко време да биде достапен на институциите во земјава и амбасадорот во Норвешка и поранешен министер за економија Дритон Кучи кој е надвор од државата, а кој е еден од 19-те новоосомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката во Кочани.
Согласно она кое што го кажа лицето кое го споменавте, очекуваме дека истотото за крако време ќе биде достапно на институциите во Македонија, изјави Тошковки на новинарско прашање дали има информација кога се враќа во земјава амбасадорот во Норвешка со оглед дека тој јавно се огласи и кажа дека се враќа во земјава со првиот авион.
Кучи на социјалните мрежи се огласи откако бил информиран дека претставници на МВР биле во неговиот дом со покана за информативен разговор, а по објавите дека тој и други поранешни министри за економија се приведени или се под сомнение за пожарот во Кочани.
Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред. Тука сум. Со мирна совест, чист пред себе, со непоколеблива волја – пред Бога и пред законите на државата, напиша меѓу другото Кучи на неговиот фејсбук профил.
На новинарско прашање дали дел од лицата што протестирале за трагедијата во Кочани, добиле кривични пријави, Тошковски делумно потврди и нагласи дека ќе бидат поднесени кривични пријави за сите за кои постојат основи на сомнение дека е сторено одредено кривично дело.
Од информациите коишто беа споделени во јавноста дел се точни дел се неточни. Секаде каде што постои основи на сомнение дека е сторено одредено кривично дело МВР ќе постапи и ќе процесуира соодветна постака до надлежното Јавно обвинителство. Онаму каде што постојат докази на степен на основи на сомнение ќе процесуираме соодветни постапки…Во конкретниот случај не би можел да специфицирам, но генерално, секаде каде што постојат докази дека е сторено одредено кривично дело од страна на кој било, без оглед дали седи на одрдено столче во рамки на одрдена институција или без оглед дали се однесува незаконито на улица, МВР ќе постапи. Заради тоа што еднаш засекогаш во оваа држава мора сите да се сложиме дали ќе ги почитуваме правилата на игра или нема да ги почитуваме. Ако сакаме да имаме држава мора да ги почитуваме правилата на игра, рече Тошковски на денешната заедничка прес конференција со Јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата