Во услови на зголемена изложеност на ризици од катастрофи, особено од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, системот за заштита и спасување не секогаш располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор. Со ревизијата се утврдени слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволни човечки и материјални капацитети, како и ограничено инвестирање во модернизација и опремување, констатираат од ревизија.
Со извршената ревизија утврдено е дека и покрај воспоставената нормативна рамка, системот за заштита и спасување во Република Северна Македонија не функционира како целосно интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност, навремен одговор и справување со катастрофи. Ревизијата утврди слабости во стратешкото планирање, институционалната координација, оперативните капацитети, финансирањето и управувањето со материјалните и другите ресурси. Шумските пожари се еден од по изразените ризици од катастрофи поради климатските промени. Според податоците на ЈП„ Национални шуми“, во периодот 2023–2025 година евидентирани се 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 м³ изгорена дрвна маса и штети во износ од 133.663.967 евра, при што само во 2024 година штетата изнесува 83.121.333 евра.

Со ревизијата утврдени се слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари, во делот на човечките ресурси, логистиката и набавките, што влијае врз економичноста, ефикасноста и ефективноста и не обезбедува доволна оперативна подготвеност за навремено справување со пожари и други катастрофи.

Управувањето со материјалните средства пак во Дирекцијата за заштита и спасување, со ревизијата утврдени се значајни слабости. Дирекцијата располага со над 30 магацини по подрачни одделенија без воспоставен интегриран систем за материјална и финансиска евиденција, со недостиг на магационери и соодветни контроли. Не е извршен целосен попис и усогласување на состојбата ниту е обезбедено следење на движењето на средствата. Вредноста на евидентираните средства од 6.592.870 илјади денари во 2024 година се намалила на 3.833.441 илјади денари во 2025 година, односно за 41,9%.
Во насока на надминување на утврдените слабости потребно е спроведување на реформи за воспоставување интегриран и функционален систем за заштита и спасување, преку донесување на Национална стратегија, јасна нормативна рамка, стабилно финансирање, зајакнување на капацитетите и воспоставување ефикасен систем за мониторинг и надзор, пишува во извештајот од ревизија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата