Директорка на СБ за Косово и Македонија Карол Межеван напомена дека урбаната мобилност е исклучително важна.
-Македонија станува сè поурбанизирана држава. Околу 60 проценти од населението живее во градовите, а таму се концентрирани и сè поголем дел од економските активности. Затоа урбаната мобилност претставува сериозен предизвик. Ова не е само прашање на транспорт. Станува збор за тоа како луѓето се движат, како стигнуваат до работните места, здравствените установи и образовните институции, како им се овозможува пристап до можности и услуги – посочи Межеван.
Таа рече дека предизвикот не е единствен само за земјава, со истиот проблем се соочуваат многу држави, а растечкиот број приватни возила предизвикува сообраќајни метежи и загадување.
– Затоа одржливата урбана мобилност е клучен дел од развојната агенда. Горди сме што Светската банка во изминатите години ја поддржува оваа област и се надеваме дека ќе продолжиме и во иднина – додаде Межеван.
Нагласи дека досега се направени значајни инвестиции во локалната инфраструктура, реконструкција на патишта, подобрување на безбедноста на пешаците, тротоарите и сообраќајната сигнализација, но додаде дека не станува збор само за инфраструктура, туку дека се потребни силни институции, квалитетни планови и добри политики.
-Токму во тоа помага овој проект. Особено е важно што плановите за одржлива урбана мобилност се подготвуваат „оддолу нагоре“, преку слушање на потребите на граѓаните и нивно преточување во конкретни решенија за развој на градовите, истакна Межеван, напоменувајќи дека ова е втор ваков настан.
Таа нагласи дека проектот наскоро завршува, а според информациите што ги добила сите 80 општини во земјава имале корист од него.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата