Градот Скопје влегува во нова фаза на урбан развој со реактивирање на проектот за брз автобуски превоз (БРТ), најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.
Тој порача дека процесот кој подолг период бил во застој сега повторно се придвижува, со поддршка од Владата и меѓународните партнери.
– Конечно го откочивме целиот процес и се подготвуваме за започнување на прелиминарната фаза. Овој проект ќе има значително влијание врз мобилноста во Скопје – изјави Ѓорѓиевски.
Покрај БРТ системот, градоначалникот истакна дека се работи и на поширока стратегија за урбана мобилност, која вклучува развој на велосипедска инфраструктура, пешачки зони и алтернативни начини на движење во градот во наредните години.
Според него, ова претставува една од најголемите инвестиции во оваа област во последниот период, со поддршка од Владата и Светската банка.
Ѓорѓиевски порача дека очекува продолжување на соработката со Министерството за транспорт и Светската банка, со цел реализација на проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот во Скопје и во другите општини низ земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата