Кривична пријава е поднесена против А.Л. (36) од село Пласница, општина Македонски Брод, поради оштетување на историскиот воз „Ќиро“ во Кичево, соопштија од полицијата.
Настанот се случил на 11 ноември 2025 година на булеварот Ослободување во Кичево, кога пријавениот бил затекнат како оштетува прозорец на еден од вагоните на познатиот музејски воз.
Станува збор за воз кој претставува дел од културното наследство и е заведен во музејска евиденција како историски предмет што потекнува од 1917 година.
По документирањето на случајот, против лицето е поднесена кривична пријава за оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.
Полицијата продолжува со постапката за целосно расчистување на случајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата