Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон претходната власт за економското управување со државата за време на пандемијата, обвинувајќи за неодговорно трошење пари со цел изборен поткуп. Од собраниската говорница, за време на седницата посветена на пратенички прашања, тој посочи дека во периодот на 2020 и 2021 година бил направен историски долг кој денес паѓа на товар на сегашните и идните генерации.
Според Мицкоски, тогашната техничка влада предводена од Оливер Спасовски ја искористила вонредната состојба за носење уредби со сила на закон кои овозможиле неконтролирано задолжување.
„Во 2020 и 2021 долгот и буџетскиот дефицит се зголемени за 10 проценти затоа што тогаш на влада си носеа одлуки со сила на закон. Тогаш се случи најбруталниот поткуп во поновата историја на македонската политичка сцена на избори. Се носеа уредби и се задолжуваа неродените генерации во Македонија, само за да се спасат на изборите во 2020 година“, изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека помошта што тогаш им беше испорачана на студентите, пензионерите и другите засегнати граѓани била само „пакување“ на законските уредби, додека во заднина државата се задолжувала за историски 10% од бруто-домашниот производ (БДП). Како што вели тој, целта на ваквите политики била „крадење на изборите по која било цена“.
Мицкоски додаде дека неговата влада сега е принудена да ги враќа токму тие долгови, нагласувајќи дека тие се најголемиот товар врз сегашниот буџет.
„Ние ги враќаме долговите и на некоја влада од некогаш, но најголемите долгови што ги враќаме се од нив, од нивните влади. И ќе продолжиме да ги враќаме зашто водиме одговорна политика и ги почитуваме граѓаните“, дециден е Мицкоски.
Тој потсети и дека голем дел од тие уредби сè уште стојат во собраниска процедура и дека пратениците допрва ќе треба да се изјаснат за нивната судбина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата