logo
logo
logo

Реконструирани 96 улици во 72 општини

ЗА ДВЕ ГОДИНИ ИНВЕСТИРАНИ СЕ 350 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ИНФРАСТРУКТУРА ВО ОПШТИНИТЕ

Vecer | 05.06.2026

ЗА ДВЕ ГОДИНИ ИНВЕСТИРАНИ СЕ 350 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ИНФРАСТРУКТУРА ВО ОПШТИНИТЕ

Во 2024 и 2025  реализиравме 350 милиони евра за развој и инфраструктурни проекти во општините, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на средбата во ЗЕЛС со градоначалниците и претставниците од Светска банка каде што се разговараше за развој и реализација на проекти во општините.

Николоски додаде дека Министерството за транспорт во соработка со Светска банка го реализира проектот за изградба и рехабилитација на локални улици во општините.

– Веќе имаше два повика, едниот во 2024, другиот во 2025 година во вкупна вредност од 350 милиони евра за реализација на локални проекти, а ако на тоа ги додадеме и проектите кои што ги реализираме со поддршка на Светската банка, тогаш вредноста е далеку поголема. За две години во периодот јуни 2024 до јуни 2026 година се склучени договори во вредност од 25,3 милиони евра за реконструкција на локални патишта во општините. Рехабилитирани се 96 улици во 72 општини, во вкупна должина од 72 километри, а во фаза на реконструкција се уште 31 километар патишта, што значи дека некаде околу 103 километри патишта се рехабилитирани, изградени целосно нови или во тек се на изградба во овој момент со поддршка на Светска банка– рече Николоски

Директорка на СБ за Косово и Северна Македонија Карол Межеван напомена дека урбаната мобилност е исклучително важна.

– Северна Македонија станува сè поурбанизирана држава. Околу 60% од населението живее во градовите, а таму се концентрирани и сè поголем дел од економските активности. Затоа урбаната мобилност претставува сериозен предизвик. Ова не е само прашање на транспорт. Станува збор за тоа како луѓето се движат, како стигнуваат до работните места, здравствените установи и образовните институции, како им се овозможува пристап до можности и услуги – посочи Межеван.

Таа нагласи дека досега се направени значајни инвестиции во локалната инфраструктура, реконструкција на патишта, подобрување на безбедноста на пешаците, тротоарите и сообраќајната сигнализација, но додаде дека не станува збор само за инфраструктура, туку дека се потребни силни институции, квалитетни планови и добри политики.

– Токму во тоа помага овој проект. Особено е важно што плановите за одржлива урбана мобилност се подготвуваат „оддолу нагоре“, преку слушање на потребите на граѓаните и нивно преточување во конкретни решенија за развој на градовите- истакна Межеван.

Таа нагласи дека проектот наскоро завршува, а според информациите што ги добила сите 80 општини во земјава имале корист од него.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk