Премиерот Христијан Мицкоски го претстави новиот закон за високо образование како стратешки чекор за враќање на квалитетот и стабилноста во академската заедница. Според него, образованието е темелот на државата, а досегашните „експерименти“, особено оние по 2018 година, довеле до сериозен пад на научната продукција и намалување на критериумите за напредување.
– Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто кое не смее да биде предмет на импровизација – со образованието. Токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество – порача премиерот.
Еден од столбовите на новиот закон е директната стимулација на квалитетниот кадар.
Мицкоски најави дека најдобрите македонски студенти, како и оние кои студираат на топ 100 светските универзитети со државни стипендии, ќе имаат загарантирана предност при вработување на домашните државни универзитети. Оваа мерка е насочена директно против одливот на мозоци, со цел младите експерти својата перспектива да ја гледаат во земјата.
Реформата предвидува и целосно нов модел на финансирање на универзитетите. Од вкупниот буџет за оваа намена, кој изнесува 7,5 милијарди денари, средствата ќе се распредуваат во два правци: развојни проекти и финансирање врз основа на постигнати резултати. Според овој модел, повеќе вложен труд и научен успех ќе значат и поголем прилив на државни средства за установите.
Премиерот потенцираше дека законот е плод на партнерски однос и широка дебата со студентите и професорите. Крајната цел е македонските универзитети конечно да започнат сериозно напредување на меѓународните ранг-листи, вклучително и Шангајската листа. Нагласувајќи дека ова е државно, а не партиско прашање, Мицкоски повика на прекинување со импровизациите и градење на систем кој ќе ги мотивира младите да останат или да се вратат во татковината.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата