logo
logo
logo

Алиу: Поуките од трагедијата во Кочани мора да го подобрат системот

Vecer | 14.03.2026

Алиу: Поуките од трагедијата во Кочани мора да го подобрат системот

Една година по големата трагедија во Кочани, здравствениот систем продолжува да ги сумира поуките, искуствата и системските предизвици, порача министерот за здравство Азир Алиу на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.

Алиу се осврна на реакцијата на здравствените служби во првите критични часови, третманот и рехабилитацијата на повредените и упати посебна благодарност до повеќе од 400 здравствени работници од јавниот и приватниот сектор, кои, како што рече, со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам извршиле натчовечки напори да спасат животи.

– Вашата професионалност, солидарност и хуманост ќе останат длабоко запаметени. Во мигови кога секоја минута значеше надеж, вие бевте вистински партнери во борбата за секој човечки живот – рече Алиу.

Голем број тешко повредени пациенти во првите денови биле транспортирани во странство. Алиу изрази благодарност и до медицинските тимови во европските здравствени центри, оценувајќи дека меѓународната солидарност потврдила дека стручноста и хуманоста немаат граници кога се спасуваат човечки животи.

Министерот нагласи дека заедничката координација на главниот кризен штаб, како и на штабовите во Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи, овозможила ефикасна и брза реакција. Благодарение на воспоставената интероперабилност, 115 пациенти биле безбедно упатени на лекување во европски клиники.

– Во услови кога секоја одлука мораше да биде брза и прецизна, затоа што беше од животно значење, институциите делуваа усогласено и одговорно – додаде тој.

Алиу посочи и на долгорочните последици од трагедијата во Кочани, истакнувајќи дека покрај физичките повреди, силни психолошки траги остануваат кај повредените, нивните семејства, но и во заедницата. Затоа, психолошката и психо-социјалната поддршка била третирана како составен дел од здравствениот одговор.

Според него, искуството открило и потреба за дополнително јакнење на капацитетите во третманот на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација. Во заклучок, министерот подвлече дека најголемата обврска кон жртвите и повредените е континуирано унапредување на здравствениот систем.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk