Рускиот патријарх Кирил се сретна со делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија во Москва и порача дека средбата е посебна, бидејќи македонските архиереи првпат доаѓаат како претставници на автокефална помесна црква.
Средбата се одржала на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир, каде што македонската делегација престојувала по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх.
Делегацијата ја предводел митрополитот дебарско-кичевски Георгиј, а во нејзиниот состав бил и епископот хераклејски Климент.
Во обраќањето до гостите, патријархот Кирил ја нагласил словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, како и нивната поврзаност преку кирилометодиевската традиција.
„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби“, рекол Кирил.
Рускиот патријарх посебно се осврнал на статусот на Македонската православна црква.
„Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, изјавил тој.
Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Кирил оценил дека односите со МПЦ-ОА активно се развиваат. Како примери ги посочил образованието на македонски студенти во духовните училишта на Руската православна црква и разговорите за заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј истакнал дека делегацијата пристигнала во Москва како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки по повод роденденот на патријархот.
„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителската служба“, рекол Георгиј.
Тој изразил благодарност за поддршката од Московската патријаршија во процесот на решавање на статусот на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.
Митрополитот потсетил и дека пред дваесет години на македонските студенти им била дадена можност да се образуваат во духовните училишта во Русија. Дел од нив денес се професори во семинариите и на Богословскиот факултет, како и во други црковни институции во Македонија, посочил тој.
Македонската делегација на патријархот Кирил му подарила икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.
Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст. Панагии им подарил и на митрополитот Георгиј и на епископот Климент.
Средбата е дел од билатералните разговори што патријархот Кирил ги одржа со претставници на помесните православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80-ти роденден во Москва.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата