logo
logo
logo

Тежок удар врз трансџендерите: НЕМА ДА МОЖЕ БИОЛОШКИ МАЖ ДА ИГРА ВО ЖЕНСКИ ТИМ, И ОБРАТНО, мора да потпише

Vecer | 12.07.2025

Тежок удар врз трансџендерите: НЕМА ДА МОЖЕ БИОЛОШКИ МАЖ ДА ИГРА ВО ЖЕНСКИ ТИМ, И ОБРАТНО, мора да потпише

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) усвои нови правила за трансродовите мажи кои сакаат да играат во машки натпреварувања, барајќи од играчите да потпишат изјава со која потврдуваат дека се „биолошки жени“.

Тие исто така мора да потпишат дека „имаат поголем ризик од повреда кога играат против возрасни биолошки мажи“, објави Би-Би-Си.

Промените следеа по пресудата на Врховниот суд на Обединетото Кралство од 16 април, која ја базираше законската дефиниција за жена исклучиво на биолошкиот пол.

Од 1 јуни оваа година, трансродовите жени повеќе не можат да учествуваат во женските ФА натпреварувања, додека трансродовите мажи сè уште имаат право да играат во машките лиги. Сепак, за да го сторат тоа, тие мора да пополнат детален формулар кој вклучува потврда за поголем ризик од повреда.

Во формуларот, кој е задолжителен за сите трансродови мажи кои сакаат да учествуваат во ФА натпреварувањата во сезоната 2025/26, играчите мора да потврдат: „Јас сум биолошка жена чиј родов идентитет е машки или небинарен и сакам да играм во возрасни машки натпреварувања“.

Тие исто така се должни да потпишат изјава со која прифаќаат дека постојат „физиолошки разлики помеѓу возрасни биолошки мажи и жени“ и дека „биолошките жени се изложени на поголем ризик од повреда при контакт со мажи“.

Правилата исто така наведуваат дека нивоата на тестостерон мора да бидат во „нормалниот опсег за возрасни мажи“, помеѓу 7,7 и 29,4 наномоли на литар крв.

ФА изјави дека промената на условите е резултат на одлуката на Врховниот суд и дека новата политика е донесена во соработка со правни советници. Портпаролот на ФА истакна дека одлуката „не е од идеолошка природа“, туку е правна неопходност.

Во претходната верзија на правилникот, која важеше до април, играчите мораа да ја прифатат „можноста за зголемен ризик од повреда“ и фактот дека ќе играат против „статистички посилни, побрзи и потешки противници“.

Еден транс фудбалер, кој сакаше да остане анонимен, ја критикуваше новата регулатива: „Јас не сум биолошка жена, јас сум маж. Се сомневам дека многу транс мажи ќе сакаат да потпишат документ со таква формулација. Ова изгледа како прикриена замка“.

ФА изјави дека транс мажите ќе можат да играат само ако потпишат изјава и добијат лекарско уверение по соодветен преглед. Тие исто така потврдија дека само „биолошки жени, т.е. луѓе родени со јајници“, можат да играат во женски натпреварувања.

Организацијата објави дека ќе продолжи да ја преиспитува политиката во согласност со новите правни, научни или социјални околности и дека ќе се обиде да воведе мешани лиги до сезоната 2026/27.

На сите засегнати транс играчи им е понудена психолошка поддршка, а ФА ги охрабри оние кои повеќе не можат да играат да останат во фудбалот како тренери и судии.

Фудбалската асоцијација не сакаше да открие колку транс мажи се моментално регистрирани, ниту колку очекуваат да го пополнат новиот формулар.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk