По најавите за смирување на американско-израелскиот конфликт со Иран, американскиот претседател Доналд Трамп повторно го насочува своето внимание кон глобалната трговија и царините. Како што пренесува Си-ен-ен (CNN), по постигнувањето на кревкиот мировен договор со Техеран, зборот „царини“ повторно се враќа на агендата на Белата куќа.
Пред почетокот на самитот на Г7 во Франција, Трамп веќе се закани со воведување заштитни царини од 100 отсто на француските вина и шампањ, доколку францускиот претседател Емануел Макрон не го укине данокот од 3 отсто на дигиталните услуги, кој директно ги погодува американските технолошки гиганти како Амазон, Алфабет, Епл и Мета. Иако Белата куќа отфрла каква било поврзаност меѓу иранскиот мировен договор и новите економски закани кон Париз, Трамп исто така најави и зголемување на давачките за автомобили од Европската Унија, што би можело да предизвика поширока трговска одмазда од Брисел.
Покрај спорот со Европа, Канцеларијата на американскиот трговски претставник предложи воведување царини од 12,5 отсто на стоки од Јапонија, Кина и Индија поради наводи за присилен труд, кои треба да стапат на сила следниот месец. Овие најави доаѓаат во исклучително чувствителен момент за американската економија која сè уште закрепнува од претходниот бран царини од минатиот април, кои во меѓувреме беа поништени од Врховниот суд. Иако пазарот на труд во САД конечно покажува знаци на стабилизација со просечно отворање на 188.000 нови работни места месечно во последниот квартал, воениот конфликт со Иран веќе остави сериозни последици врз трошоците за живот. Годишната стапка на инфлација во САД минатиот месец скокна на 4,2 отсто, што е највисоко ниво во последните три години, при што дури 60 отсто од овој раст е директна последица на зголемените трошоци за енергенси.
Економистите од француската банка БНП Париба (BNP Paribas) предупредуваат дека и покрај фактот што базичната инфлација (која ги исклучува храната и енергијата) засега останува релативно стабилна на 2,9 отсто, САД се соочуваат со долгорочен инфлаторен притисок. Според нивните анализи, ризикот не доаѓа само од неодамнешните блискоисточни судири, туку и од уште незаздравените економски аномалии во секторот на услугите кои се влечат уште од периодот на пандемијата. Поради тоа, евентуалното отворање на нов трговски фронт преку увозни даноци за клучните глобални партнери дополнително би можело да ја загрози стабилноста на американскиот и светскиот пазар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата