Претставници на Европската Унија ѝ порачаа на Украина дека е неопходно да забележат конкретен напредок во усвојувањето нови законски решенија за сузбивање на сивата економија, зголемување на даночните приходи и хармонизација со европското законодавство, пред да се пристапи кон исплата на дополнителни финансиски средства.
Ова уследи по напнатата средба во вторникот меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и украинскиот претседател Володимир Зеленски, одржана во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк, потврдуваат извори запознаени со разговорите.
Украинската страна изразила длабока загриженост од можноста Русија да ги интензивира нападите во текот на претстојната зима, особено во услови кога располагаат со ограничена противвоздушна одбрана за заштита на градовите. Дополнително, во Киев владее револт поради одлуката на ЕУ да ги укине санкциите за двајца руски олигарси како дел од поширок договор за продолжување на рестриктивните мерки.
„Доаѓа поголема одбранбена поддршка. А, како што ќе напредуваат реформите во Врховната рада, така ќе има и поголема буџетска поддршка“, истакна Фон дер Лајен во објава на платформата Икс по средбата, потсетувајќи дека во тековната календарска година сè уште се достапни 37 милијарди евра.
Растечки тензии пред нова сурова зима
По повеќе од четири години сеопфатна војна, меѓу Киев и неговите клучни западни сојузници почнуваат да избиваат видливи тензии додека се соочуваат со заканата од нова тешка зима под руски бомбардирања. Украина е сè пофрустрирана од неподготвеноста на одредени европски партнерски земји побрзо да ѝ испорачаат клучни ракети пресретнувачи за одбрана од руските проектили, додека европската страна се соочува со замор од постојаните и зголемени финансиски барања.
Украинската влада побара од меѓународните сојузници помош за покривање на непредвидениот буџетски мањак од околу 26 милијарди евра (30 милијарди долари), а од ЕУ побараа и забрзување на исплатата на заемот од 90 милијарди евра, средства кои првично беа наменети да ја одржат Украина финансиски стабилна до крајот на следната година.
Европската Унија делумно ги оспорува украинските пресметки и сугерира дел од дополнителните средства да бидат обезбедени од други меѓународни партнери, како Канада, Норвешка и Јапонија. Зеленски пред новинарите изјави дека нивните тимови ќе одржат нова рунда разговори за седум до десет дена и дека изразува надеж оти ќе се изнајде соодветно решение. Тој додаде дека за време на разговорите Европејците за првпат споделиле сознанија за зголемени ризици од руски агресивни дејства и кон други европски земји.
Иницијатива за енергетско примирје и потрага по „Патриот“ системи
По завршувањето на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски нагласи дека е подготвен да разговара за енергетско примирје со Русија како првичен чекор кон долгорочно запирање на војната, но под услов Москва целосно да ги прекине сопствените напади врз украинската критична инфраструктура.
Зеленски побарал од Трамп да го пренесе овој став до руската страна, како и да го отвори истото прашање во разговорите со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, имајќи предвид дека Пекинг има значајно влијание врз Москва. Претседателот Трамп во текот на неделата е домаќин на кинескиот лидер во Вашингтон.
Инаку, Трамп врши притисок и врз Киев и врз Москва да ги запрат нападите врз енергетските постројки, тврдејќи дека тие акции директно влијаат врз растот на цените на дизелот во САД – тренд кој дополнително се засили по почетокот на американските воени операции против Иран во февруари.
Во насока на зајакнување на одбраната, украинскиот претседател побарал од Вашингтон зимски пакет ракети за системите „Патриот“, како и специјални лиценци за нивно домашно производство. И покрај светскиот недостиг од овие ракети, Зеленски остварил средба со претставници на американската компанија „Рејтион“ (RTX Corp.), кои изразиле подготвеност да додемат лиценци за украинско производство на пресретнувачите. Сепак, тој призна дека за активирање на ваквите погони ќе биде потребен период од најмалку една година.
Како краткорочна гаранција за убедување на сојузниците да ги отстапат сопствените воени залихи, Зеленски понуди гаранции дека Украина ќе ги надомести отстапените ракети веднаш штом заедничкиот производствен погон со Германија започне со редовна работа следната година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата