Тешка железничка несреќа утринава ја зави во црно Белгија, откако патнички воз со полна брзина удрил во училиштен минибус на железнички премин во градот Бугенхут, на околу 23 километри од Брисел. Најмалку четири лица загинаа во овој кобен судир, потврдија официјалните власти.
Според информациите на фламанската телевизија „ВРТ“, во минибусот во моментот на несреќата се наоѓале седум деца и двајца возрасни. Белгискиот министер за сообраќај, Жан-Лик Круке, соопшти дека меѓу загинатите има и двајца тинејџери, а црниот биланс го потврди и министерот за образование на Фландрија, Зухал Демир.
Портпаролката на федералната полиција, Ан Бергер, изјави дека страшната несреќа се случила набргу по осум часот наутро, во време кога децата патувале кон училиште. Според првичните полициски информации, ударот се случил во моменти кога рампите на железничкиот премин биле целосно спуштени.
Истрагата допрва треба да утврди како и зошто училишното возило се нашло на шините и покрај активната светлосна и механичка сигнализација.
Полицијата исто така потврди дека во возот кој налетал на минибусот нема повредени патници, но меѓу нив и железничкиот персонал владее огромен шок.
На местото на трагедијата веднаш пристигнале бројни екипи на брза помош, противпожарни возила и полициски сили. Спасувачките служби сè уште работат на терен, а сообраќајот на оваа железничка линија е целосно во прекин. Официјалните лица најавија детална истрага за сите околности кои доведоа до оваа катастрофа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата