logo
logo
logo

Франција трага по Валентин (15), откако во запалената куќа ги нашле телата на неговите родители

Vecer | 02.12.2023

Франција трага по Валентин (15), откако во запалената куќа ги нашле телата на неговите родители

Цела Франција е во потрага по Валентин, кој живеел со неговите родители чии тела биле пронајдени во куќа која била изгорена до темел. Во текот на истрагата било утврдено дека мажот и жената биле застрелани пред нивните тела да бидат уништени во пожарот.

Грозоморниот случај бил откриен на 27 ноември во утринските часови. Како што пренесуваат француските медиуми, пожарникарите добиле повик нешто пред 7 часот да го изгаснат пожарот кој зафатил куќа и штала во градот Шатовилан. Кога успеале да го локализираат пожарот, под урнатините нашле изгорени тела на маж и жена.

Според обвинителот, на двете тела биле констатирани прострелни рани, во пределот на главата и градниот кош.

Се верува дека станува збор за брачен пар кој поголемиот дел од годината го поминал во таа куќа. Мажот имал 58 години, а неговата сопруга 52. Нивните имиња не се официјално соопштени, но објавено е името на помалиот син Валентин по кого се уште се трага.

BMFTV јавува дека нивниот постар син (17) ден претходно отишол во градот каде што посетува училиште и дека е добро и безбеден. Ист е случајот и со неговите две полусестри, кои исто така не биле во куќата за време на злосторството.

Сега полицијата ги повикува граѓаните да им помогнат да го пронајдат Валентин, кој би можел да биде клучен сведок на она што се случило во куќата тој кобен ден. Според француските медиуми, момчето има Лајмска болест.

Во исто време полицијата го пронашла автомобилот со кој што таткото патувал на работа. Оштетеното возило било пронајдено на околу 40 километри од куќата која била уништена во пожарот. Автомобилот бил пронајден кога полицијата тргнала да контролира друг имот што парот го поседувал во областа.

Безбедносните камери снимиле дека возилото го управувало машко лице, но не е утврдено дали се работи за младиот Валентин или некој друг.

Според соседите, брачниот пар ја поседувале куќата во Шатовилан околу 15 години и редовно престојувале таму. Тие наведуваат дека тоа е место во кое живеат околу 800 луѓе, дека сите добро се познавале.

„Го познавав семејството, немам ништо друго освен пофални зборови за нив“, рекол еден сосед кој бил шокиран од нивната смрт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk