logo
logo
logo

Хаос во Брисел: Земјоделците ги пробија барикадите, полицијата врати со водени топови (ВИДЕО)

Vecer | 26.02.2024

Хаос во Брисел: Земјоделците ги пробија барикадите, полицијата врати со водени топови (ВИДЕО)

Полицијата пукаше со водени топови врз демонстрантите во Брисел кои фрлаа шишиња и јајца и запалија гуми, а околу 900 трактори го блокираа сообраќајот во делови од градот, недалеку од оградената област каде што се одржува состанок на министрите за земјоделство на ЕУ за кризата во секторот.

Полицијата со опрема за борба против немири веќе патролира од рано утрото во близина на барикадите поставени на главните влезни точки до зградата на Европскиот совет, каде што се собраа министрите за земјоделство од 27-члениот блок. Во колони беа наредени десетици трактори украсени со знамиња и транспаренти.

Некои се жалат на она што го гледаат како бавно умирање на земјоделството. „Земјоделство. Како дете сонуваш за тоа, како возрасен умираш од тоа“, рече еден од демонстрантите.

Тензиите со полицијата набрзо ескалираа.

Некои од демонстрантите фрлаа јајца и други предмети, а беа запалени и гуми. Земјоделците оставија приколка полна со гуми на неколку стотини метри од зградата на Европскиот совет, а полицијата внесе водени топови.

Неколку трактори изореа низ бариерите, по што полицајците побегнаа. Има и видеа од трактор, кој ги уништи сите бариери на една од улиците.

Земјоделците протестираат со недели ширум Европа, барајќи од креаторите на политиките да направат нешто за низата проблеми што го задушуваат секторот, од евтините цени во супермаркетите и евтиниот увоз до строгите европски еколошки регулативи.

Фармерите, исто така, денеска протестираа во Мадрид, повикувајќи ја ЕУ да ја намали бирократијата и да се откаже од некои промени во Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).

„Невозможно е да ги издржиме овие правила, тие сакаат да работиме на полињата преку ден, а ноќе да се занимаваме со документација, преку глава ни е од бирократијата“, рече Роберто Родригез од централната провинција Авила.

„Новиот ЗЗП ги уништува нашите животи“, рече Хуан Педро Лагуна од областа Мадрид. „Ние сакаме да произведуваме како што секогаш сме произведувале, но тие не сакаат да произведуваме.“

Министрите за земјоделство на земјите членки на ЕУ денеска разговараат како да одговорат на актуелната криза со која се соочува земјоделскиот сектор, а околу седиштето на Советот на ЕУ, каде што седат, има опсадна ситуација поради протестите. Дискусијата е за предлозите на Комисијата за административни олеснувања на земјоделците.

Следниот месец се очекува нов пакет предлози од Комисијата кои ќе се однесуваат на исплатите на земјоделците и формирањето на цените. Белгиското претседателство објави дека добило околу 500 предлози од земјите-членки, кои главно се однесуваат на поедноставување на Заедничката земјоделска политика.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk