Патничка на возраст од 52 години била касната од скорпија скриена во нејзината јакна на аеродромот во Диселдорф, соопштија локалните противпожарни служби.

Инцидентот се случил во петокот, веднаш откако жената пристигнала во Диселдорф со лет од грчкиот остров Кос.
По каснувањето, жената веднаш била пренесена во болница, а на терен бил повикан експерт за влекачи од противпожарната служба кој успеал да ја фати скорпијата.
Со прегледот било утврдено дека станува збор за палестинска жолта скорпија – еден од најотровните видови во светот, чие убодување може да биде фатално за децата. Овој вид е широко распространет во Северна Африка, Турција и Арапскиот Полуостров.
Засега нема попрецизни информации за моменталната здравствена состојба на повредената жена.

Како што објавува „Ди Цајт“, за време на транспортот до болницата таа се пожалила на силна болка на местото на убодот, но била во свесна состојба и можела да зборува.
По консултациите со центарот за контрола на труења, експертот за влекачи и лекарот од итна медицинска помош, пациентката била хоспитализирана во Универзитетската болница во Диселдорф. Скорпијата била префрлена во зоолошката градина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата