logo
logo
logo

Низ Токио се шири бактерија, што „јаде“ човечко месо- без терапија е умира за 48 часа

Vecer | 15.06.2024

Низ Токио се шири бактерија, што „јаде“ човечко месо- без терапија е умира за 48 часа

Годинава се регистрирани 977 случаи на „синдром на стрептококен токсичен шок“ (STSS), што е повеќе од 941 случај од цела минатата година, пишува Телеграф.

Оваа состојба се јавува кога инаку вообичаената бактерија стрептокок А манифестира необично однесување.

Самиот патоген е чест, така што меѓу пет и 20 проценти од здравите возрасни лица се заразени со бактеријата, но немаат никакви симптоми.

Но, кај одредени пациенти, бактериите можат да предизвикаат голем број на болести, од тонзилитис и импетиго до шарлах и пневмонија.

Во некои особено тешки случаи, бактеријата стрептокок А може да стане инвазивна, продирајќи длабоко во меките ткива и мускулите од исеченици и рани, каде што предизвикува некротизирачки фасции или „болест што јаде месо“.

Токму оваа состојба моментално се шири во Јапонија, покажуваат податоците на Националниот институт за заразни болести.

Симптомите започнуваат со треска или болки во мускулите, проследени со низок крвен притисок. Пропаѓање на органи и септичен шок може да следи во рок од 48 часа, а ако пациентот не прими брзо антибиотици, исходот може да биде фатален.

Токио е најпогоден од оваа болест, со 145 случаи регистрирани во првите шест месеци од 2024 година. Најголем број случаи се кај возрасни постари од 30 години, додека стапката на смртност се движи околу 30 отсто, пишува јапонскиот весник Асахи Шимбун.

„Не е невообичаено да има нагло зголемување на бројот на случаи. Вакви зголемувања во минатото имавме во Велика Британија. Ова може да се случи затоа што повремено се појавува нов вид на бактерии“, вели Џон Коен, професор по заразни болести на Медицинскиот факултет во Брајтон и Сасекс.

Во декември 2022 година, Светската здравствена организација издаде предупредување по порастот на инвазивните инфекции со стрептокок А, вклучително и шарлах, во Британија, Франција, Ирска, Холандија и Шведска. Во повеќето случаи, деца биле заразени.

„Во Англија, бројот на случаи на стрептококи од групата А (болки во грлото, шарлах и поретки инвазивни инфекции) нагло се намали за време на пандемијата Ковид-19, а помалите деца не се сретнаа со стрептококи од групата А како што би било нормално“, рече проф. Ширане Срискандан, професор по заразни болести на Империал колеџ во Лондон.

„Затоа, имаше повеќе деца подложни на стрептокок од групата А кога беа укинати епидемиолошките мерки и тоа веројатно доведе до зголемување на случаите што ги забележавме во 2022 година.“

Таа додаде дека нешто слично можеби се случува и во Јапонија.

„Епидемиолошките мерки беа укинати во различни периоди низ светот, што доведе до постепено зголемување на случаите на стрептокок А. Ова е едно од можните објаснувања зошто Јапонија бележи пораст на случаи оваа година“, рече проф. Шрикандан.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk