Русија им претстави на САД список со барања за договор за прекин на војната против Украина и ресетирање на односите со Вашингтон, изјавија за Ројтерс две лица запознаени со ова прашање. Не е јасно што точно вклучила Москва во својата листа, но изворите ги опишале термините како широки и слични на оние што ги претставиле претходно.
Исто така, не се знае дали е подготвена да се вклучи во мировни преговори со Киев пред да се прифатат барањата, наведува агенцијата.
Руските и американските претставници разговарале за условите за време на приватни и виртуелни разговори во текот на изминатите три недели, велат изворите.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека американските претставници одат во Русија на разговори за американско-украинскиот договор за 30-дневен прекин на огнот и патот кон мировните преговори.
Москва бара од Западот да се справи со „основните причини“ за војната
Претходните руски услови ги вклучуваа овие три најважни: нечленство на Киев во НАТО, договор да не се распоредуваат странски трупи во Украина и меѓународно признавање на тврдењето на претседателот Владимир Путин дека Крим и четири провинции припаѓаат на Русија.
Русија, исто така, во последниве години побара од САД и НАТО да се справат со, како што ги нарече „основните причини“ на војната, вклучувајќи го и проширувањето на НАТО кон исток. Трамп го чека одговорот на Путин за тоа дали ќе се согласи на 30-дневен прекин на огнот што украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот рече дека ќе го прифати како прв чекор кон мировните преговори.
Посветеноста на Путин за можен договор за прекин на огнот се уште е неизвесна, а деталите допрва треба да се финализираат. Некои американски функционери, пратеници и експерти стравуваат дека Путин, поранешен офицер на КГБ, ќе го искористи прекинот на огнот за да го засили, како што велат, обидот да ги подели САД, Украина и Европа и да ги поткопа сите преговори.
Руската амбасада во Вашингтон и Белата куќа не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Во Киев, украинскиот претседател Зеленски го поздрави овонеделниот состанок во Саудиска Арабија меѓу американските и украинските претставници како конструктивен и рече дека потенцијалниот 30-дневен прекин на огнот со Русија може да се искористи за да се постигне поширок мировен договор.
Москва постави многу од овие слични барања во изминатите две децении, а некои дури и стапија во официјални преговори со САД и Европа. Москва претходно разговараше за нив со администрацијата на Бајден на серија состаноци кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, додека десетици илјади руски војници беа на украинската граница и чекаа наредба за инвазија.
Тие вклучуваа барања кои ќе ги ограничат воените операции на САД и НАТО од Источна Европа до Централна Азија.
Иако отфрли некои од условите, администрацијата на Бајден се обиде да ја спречи инвазијата со соработка со Русија за неколку од нив, според документите на американската влада прегледани од Ројтерс и повеќе поранешни американски функционери. Напорите не успеаја и Русија нападна на 24 февруари 2022 година.
Истанбулскиот нацрт како појдовна точка?
Американските и руските официјални лица во последните недели изјавија дека нацрт-договорот за кој Вашингтон, Киев и Москва разговараа во Истанбул во 2022 година, може да биде почетна точка за мировните преговори.
Во тие разговори Русија побара Украина да се откаже од амбициите за НАТО и да прифати постојан статус без нуклеарно оружје. Исто така, се бара вето на акциите на земјите кои сакаат да и помогнат на Украина во случај на војна.
Администрацијата на Трамп не објасни како им пристапува на преговорите со Москва. Двете страни, потсетува Ројтерс, водат два одделни разговори - едната за ресетирање на американско-руските односи, а другата за мировниот договор во Украина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата