Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп штотуку напиша на платформата Truth Social: „Имаме договор за заложниците на Блискиот Исток. Наскоро ќе бидат ослободени. Ви благодариме!“
Канцеларијата за медиуми на Хамас во Газа им порача на жителите на енклавата да не се движат до официјалниот почеток на прекинот на огнот. Канцеларијата за печат ги повикува граѓаните „да не се движат пред официјалниот почеток на прекинот на огнот и информациите за времето на отпочнување на примирјето да ги добиваат исклучиво од официјални извори“, се наведува во соопштението.
Израелската влада утре ќе гласа за договорот за прекин на огнот во Газа, изјави владин претставник за Ројтерс. Секој договор сè уште треба да биде одобрен од кабинетот на Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи на сила во наредните денови.
Тројца американски официјални лица и еден претставник на Хамас потврдија за Асошиетед прес дека е постигнат договор за прекин на огнот. Висок израелски функционер рече дека деталите се уште се финализираат, според АП.
Американскиот претседател Џо Бајден се подготвува да ѝ се обрати на јавноста за договорот, рекоа официјални лица. Според АП, договорот вклучува постепено ослободување на десетици заложници кои ги држеше Хамас, ослободување на стотици палестински затвореници во Израел и враќање на стотици илјади раселени луѓе во Газа во нивните домови. Договорот предвидува и испорака на многу потребна хуманитарна помош на опустошената палестинска територија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата