Волт Дизни, човекот чиишто фантазии го обележаа детството на милиони луѓе ширум светот, е роден на 5 декември 1901 година. Тешко е дури и да се замисли детство без ликовите што ги создаде – од Мики, преку Снежана, до сите светови во кои бегавме кога ни требаше малку магија.
Неговата приказна започнала скромно – роден е во Чикаго на 5 декември 1901 година, во типично американско семејство со скромни финансиски можности.

Името го добил по својот татко, но и по локалниот свештеник кој го крстил. Пораснал со тројца постари браќа: Херберт, Рејмонд и Рој, и помладата сестра Рут, но врз неговиот раст и развој најмногу влијаел татко му.
Бидејќи Волт практично бил оставен сам на себе, наместо вообичаени детски игри, тој се дружел со животните на фармата и ги претворал во ликови од својата фантазија, а меѓу нив најдрага му била една свиња по име Поркер.
„Мислам дека ја сакав таа свиња, знаеше одлично да се забавува... Се сеќавате на она забавно прасе од Трите прасиња? Тој лик е направен по примерот на Поркер,“ изјавил подоцна.
Кога семејството во 1910 година се преселило во Канзас Сити, татко му станал уште построг и покрут, казнувајќи ги синовите за своите сопствени неуспеси. Волт извесно време по училиште работел во продавница за слатки, но морал да го крие тоа од татко му поради секојдневните тепања кои биле „воспитна мерка“. Со време сфатил дека суровиот пристап на татко му бил дел од застарен начин на размислување и дека она што Елијас го сметал за дисциплина, денес би се нарекло злоупотреба.
„Татко ми беше нетрпелив човек, но знаеше што сака да постигне и очекуваше да знаете точно како го сака тоа,“ се присетил Волт четириесетина години подоцна.
„Ако згрешев, се лутеше и ме напаѓаше. Ќе ја земеше пилата и ќе се обидеше да ме удри со тапиот дел. Дури земаше и чекан и ме удираше со дршката,“ раскажал во една пригода.
За жал, злоставувањето од татко му оставило длабок белег врз Волт, кој го следел и во подоцнежните години.
Волт од рана возраст покажувал интерес за цртање. Тоа го открил соседот, кој му плаќал да го наслика неговиот коњ Руперт. Првите цртежи ги продал во соседството кога имал само седум години.
Кога тргнал во средно училиште, навечер одел на предавања во „Chicago Art Institute“. Почнал да црта стрипови за училишниот весник, а бидејќи беснеела Првата светска војна, темата на неговите цртежи најчесто била родољубива.
Кога завршила војната, се вратил во Канзас Сити, каде почнал да работи како цртач на реклами. Својата прва работа во анимација ја добил во 1920 година, кога ги создал и пласирал своите први оригинални анимирани ликови.
Волт тргнал за Холивуд со само 40 долари (околу 4.000 денари), неколку цртежи и својот прв анимиран филм, решен да ја испроба среќата. Во Калифорнија му се придружил брат му Рој и заедно, со позајмени пари, купиле камера и во гаража направиле мало студио.
Почнале да снимаат кратки филмови, а како што пристигнувале понуди, работата им одела сè подобро, па се преселиле во поголем простор. Таму работела и младата Лилијан Баунс, секретарка која набрзо му го привлекла вниманието. Двајцата се венчале во 1925 година, а таа останала негова најголема поддршка низ сите успеси и падови.
Волт Дизни починал на 15 декември 1966 година поради компликации од тумор на белите дробови. Бил кремиран и погребан на гробиштата Лон во јужна Калифорнија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата