Последниве неколку години интернет-платформата Ранкер на крајот од годината објавува една од своите најпопуларни листи – листата на најмалку омилени (или најомразени) славни личности.
Ranker постои од 2009 година, а на нивната страница милиони луѓе го изразуваат своето мислење за теми од шоу-бизнисот, начинот на живот, културата, спортот... Нема политичари и политика, но има нивни познати поддржувачи и фанови. Уредниците ги составуваат листите врз основа на различни податоци и предлози, а секој што ќе дојде на нивната страница може да реагира. Одговорите се многу едноставни – да или не (се согласувам – не се согласувам).
Значи, не станува збор за некаква напредна методологија за прибирање податоци за сериозни теми или бизнис-анализа, туку за едноставен глас на народот, односно на глобалните интернет-маси. А токму таа масовност на крајот им дава тежина на нивните листи и препораки. Листите се и многу променливи – еднаш кога некој ќе се најде на списокот на најомразени, може само да се движи нагоре или надолу. Утеха на некои може да им биде сознанието дека се доволно познати за да се најдат на листата, а секоја реклама...
Титулата најомразена славна личност оваа година ја понесе – Меган, војвотката од Сасекс. Или Меган Маркл. Иако и претходните години беше на листата, оваа година ги престигна сите, бидејќи речиси 50.000 гласачи, или 78 проценти, го подигнаа нејзиниот рејтинг.
Оваа листа на Ranker инаку е многу долга и многумина се на неа веќе со години. Доспеале таму поради негативен публицитет, криминал, но и затоа што ги налутиле фановите или ги разочарале на кој било начин – од скандалозно однесување до отворена ароганција. Од Ranker велат дека никој не се најде на листата со цел да биде претставен како злосторник пред јавноста, туку за „разбирање зошто некои славни личности, и покрај завидниот статус, привлекуваат толку многу неодобрување во јавноста“.
На списокот, очекувано и со години веќе, се имиња како Кање Вест и Илон Маск, Бил Косби, Јада Пинкет Смит и целиот реалити-клан Кардашијан-Џенер. Тука се и Дрејк, Џенифер Лопез, ЏоЏо Сива, Ендрју Тејт и Хиларија Болдвин, Лизо, Ники Минаж, Логан Пол и Тревис Скот, Џеј-Зи и Бијонсе, д-р Мехмет Оз и Опра... За многумина е сосема јасно зошто никој не ги сака – сексуални предатори кои се во затвор, женомразци, диви што ги малтретираат вработените, разгалени деца... За некои причината е помалку очигледна, но се таму затоа што листата го одразува пулсот на јавноста. Од неодамна гласачите можат да кажат да или не и за комичарите Тревор Ноа и Џими Кимел, чие шоу полно со немилосрдни критики беше укинато под влијание на американскиот претседател Трамп.
Зошто Меган е толку омразена? Таа и нејзиниот сопруг, бегалецот британскиот принц Хари, оваа година малку ги разделија своите кариери. Огромниот договор со Нетфликс ја налути публиката, која масовно го отфрли нејзиниот lifestyle-шоу „Со љубов, Меган“. Празничниот специјал помина уште полошо. Иако своите деца ги држеше подалеку од рефлекторите, Меган понуди увид во својот живот и интереси во серија што многу гледачи ја оценија како површна и егoцентрична. Тука е и нејзиниот бренд „As Ever“, кој не воодушеви маси, како и нејзиното упорно користење на титулата војвотка, иако веќе пет години поминаа од напуштањето на сите должности во кралското семејство и бегството во САД. Ја сметаат за арогантна личност со комплекс на супериорност. Ваквото рангирање се совпаѓа со резултатите од различни истражувања на јавното мислење.
Симптоматично е што второто место според број на негативни гласови, 42.400, го доби принц Хари, нејзиниот сопруг. Петти во наследната линија за британскиот престол, принцот буди сè помалку симпатии во својата нова татковина, а на Островот неговиот рејтинг е повисок само од оној на осрамотениот вујко Ендрју.
На третото место е Елен ДеЏенерес. Поранешната телевизиска ѕвезда дел од минусот го заработи поради фактот што никогаш не презеде одговорност за проблемите на снимањето на нејзиниот „Ellen DeGeneres Show“, токсичната атмосфера и малтретирањето на вработените. Дел од американските негативни гласови ги доби и поради одлуката со сопругата, актерката Портија де Роси, да се пресели во Велика Британија и изјави како: „Сè е тука едноставно подобро. Од начинот на однесување кон животните до љубезноста на луѓето. Ја обожавам оваа земја“.
Во топ 10, покрај војводскиот пар и Елен, се и Опра Винфри, Амбер Херд, Шон Диди Комбс, Ким Кардашијан, Кање Вест, Бил Косби и Џејмс Корден.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата