Да бевме Европа министерот за образование ќе поднесеше оставка, бидејќи учебната година почна без учебници и со пропадната концепција, соопшти опозициската ВМР-ДПМНЕ.
-Мафијата во Владата не бира кога и каде ќе краде. Во било кој ресор да се погледне сегде ќе се видат пипците на оваа корумпирана власт која го растура системот само да наполни нечиј џеб повеќе. Така е и во образованието. Две години печатат учебници и уште не ги испечатија, а наставните материјали кои ги подготвиле им се со грешки. Во Европа за многу поситни работи министер за образование би си поднел оставка, но оваа корумпирана власт мува не ја лази, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека самиот експерт кој ја подготвувал новата концепција во образованието ја прогласил за пропадната, но дека зад себе оставиле проблеми во кои наставниците без соодветно образование ќе треба да предаваат наставни материјали на учениците.
-И ова го нема во Европа. Оваа криминална и корумпирана власт гледа само како да направи некој бизнис повеќе. Нив не ги интересираат ни ученици, ни учебници, ни концепции, ни наставници. Нив ги интересира само личниот интерес. Создадоа хаос во образованието и тој хаос скапо ќе ги чини генерациите ученици.Уништувањето на образованието, е рамно на уништување на една нација. За тоа мора да има одговорност, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата